Почина Божидар Симоновски, еден од најзначајните културни работници и музички ентузијасти што Штип и Македонија ги имале во изминатите децении. Симоновски зад себе остави длабока и трајна трага во развојот на музичката сцена, младинската култура и институционалниот живот на градот.
Божидар Симоновски беше долгогодишно поврзан со штипскиот Дом на млади – простор кој под негово влијание израсна во расадник на музички таленти, идеи и алтернативна култура. За многумина, тој не беше само организатор или професионалец зад сцената, туку визионер и ментор кој несебично ја поддржуваше младината.
Во 2022 година, во Домот на млади беше откриен мурал посветен на Симоновски, дело на уметницата Елена Поповска, која тогаш истакна дека станува збор за личност со огромно значење за македонската култура. Муралот, изработен во поп-арт стил, беше замислен како траен потсетник на неговиот придонес и статусот што го има како музичка и штипска легенда.
Директорот на Домот на млади, Видан Лазарев, при откривањето на муралот изјави дека успехот и наследството на Симоновски тешко можат да се надминат, додавајќи дека институцијата денес опстојува токму затоа што „стои на рамениците на луѓе како Божидар Симоновски“.
Симоновски беше и тон-мајстор на првиот концерт на групата „Меморија“ одржан во Домот на млади, што претставува уште еден значаен момент во неговата богата биографија и неговата поврзаност со најважните настани од македонската музичка историја.
Настанот од 2022 година, кога беше откриен муралот, настанот беше во Домот на млади – симболично оддавање почит на човекот кој целиот свој живот го посвети токму на музиката и младите.
Со смртта на Божидар Симоновски, Штип и Македонија изгубија исклучителен културен работник, а неговото дело и влијание ќе останат трајно врежани во колективната меморија.
