Во Охрид и Струга се подготвува воведување на системот „Безбеден град“, со кој ќе се засили контролата и безбедноста во сообраќајот.
Предвидено е поставување на вкупно 40 сообраќајни камери, а системот се очекува да биде активиран пред почетокот на летната туристичка сезона.
Дел од опремата веќе е инсталирана. Четири камери се поставени на автопатот Охрид–Кичево, на делниците меѓу Горенци и Требеништа, како и меѓу Ботун и Ново Село.
Иако техничката инсталација е завршена, камерите засега не изрекуваат казни, бидејќи системот е во фаза на финално тестирање.
Од СВР Охрид информираат дека целта на „Безбеден град“ е намалување на сообраќајните прекршоци и незгоди, како и зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот, особено во периодот кога регионот бележи зголемен број возила и туристи.

