Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за утрово од 09:00 часот најави синдикална блокада на Собранието, со затворање на улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“,
во знак на протест поради, како што велат, одолговлекувањето на пратениците околу зголемувањето на минималната плата и кратењето на функционерските привилегии.
До зградата на Собранието пратениците ќе мора да одат пеш до своите работни места, бидејќи поради блокадите нивните автомобили ќе останат подалеку од законодавниот дом.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека секој месец без законска интервенција ги чини работничките семејства околу 9.500 денари, колку што, според синдикалните пресметки, пораснала минималната потрошувачка кошница.
Од Собранието порачаа дека протестите се легитимни, но дека не смее да се попречува работата на пратениците.
ССМ најави дека блокадите ќе продолжат сè додека не се отвори собраниска расправа за минималната плата.

