Куманово и цела Македонија денес се збогуваат со еден од најдобрите математичари и извонреден човек, професорот Слаѓан Станковиќ – Битрак.
Веста за неговата смрт беше споделена на Фејсбук страницата „Математика во срцето“, која го опишува како врвен професор, исклучителен ум и пред сè човек со големо срце.
Станковиќ беше познат по својата посветеност кон математиката и кон учениците, секогаш подготвен да даде совет, да охрабри и да мотивира.
-Секогаш тука … со совет, со охрабрување, со насмевка и со верба дека секој може повеќе, се вели во соопштението.
Покрај својот академски ангажман, Станковиќ беше љубител на музиката, човек со широка култура и благороден дух кој знаеше да раскаже приказна, да инспирира и да остави трага што не се брише. Многу генерации ќе го паметат не само по знаењето што им го пренесе, туку и по топлината и човечноста што ја споделуваше.
Неговото име ќе остане запишано во успесите на учениците, во натпреварите и во секој предизвик што со страст го прифаќаше.
-Погребот ќе се одржи утре на градските гробишта во Куманово во 13:00 часот. Светол пат, професоре. Нека Ви е вечна слава и благодарност, се вели во објавата.

