Денеска се одбележуваат 22 години од трагичната авионска несреќа кај Ротимље, во близина на Мостар, во која животот го загуби поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, заедно со членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.
Годишнината од неговата смрт ќе биде одбележана со положување цвеќе во Скопје, во родната Струмица и на местото на несреќата во Ротимље. Делегации од државните институции, семејствата и други претставници ќе оддадат почит на гробот на Трајковски на Градските гробишта Бутел, како и на спомен-обележјата во Струмица и Ротимље.
Претседателот Борис Трајковски загина на 26 февруари 2004 година кога владиниот авион „Кингер“, со кој патуваше на меѓународна конференција за инвестиции во Босна и Херцеговина, се урна кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар. Авионот требало да слета на мостарскиот аеродром во утринските часови, а неговите остатоци беа пронајдени дури 24 часа по несреќата.
Во трагедијата загинаа и членовите на претседателскиот кабинет Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Божиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Првичната истрага покажа дека несреќата се случила поради грешки во процедурата за приоѓање кон аеродромот Мостар во услови на сложена временска состојба, густа магла и облачност. Подоцнежната меѓународна истрага, отворена во 2013 година, исто така утврди комбинација од човечки фактор и системски пропусти како главни причини за падот на авионот.
Борис Трајковски е роден на 25 јуни 1956 година во Струмица. Тој беше втор претседател на Република Македонија, избран во 1999 година, а функцијата ја извршуваше до својата трагична смрт во 2004 година.

