Министерот за здравство, Азир Алиу, вчеравечер по ифтарот организиран од огранокот на Алијанса за Албанците во Врапчиште, во однос на гласините дека пратеникот Илир Демири им се приклучил, изјави дека тој е „во својата куќа“, нагласувајќи дека се работи Алијанса за Албанците да биде пообединета од кога било.
„Тој е член на Алијанса за Албанците. Уште еднаш потенцирам дека идејата е сите членови на Алијанса за Албанците да бидат заедно. Ние заедно ги започнавме политичките процеси, начинот на размислување ни е ист, затоа и сме организирана група уште од 2017 година под името Алијанса за Албанците. Значи, Илир е таму каде што му е местото“, изјави Азир Алиу.
Алиу порача дека групата на Алијанса која е дел од ВЛЕН работела уште од првиот ден да биде обединета, бидејќи, според него, тие најдобро знаат колку поделбите се штетни и колку не се во корист на граѓаните.
„Работевме и ќе продолжиме да работиме Алијанса за Албанците да биде пообединета од кога било“, изјави министерот Алиу.
Запрашан за отсуството на заменик-премиерот Арбен Фетаи и дали тоа значи дека постојат некакви судири, Алиу рече дека што се однесува до судирите, судири има и дома, и во маало, и на работа – таму каде што се работи.
„Тоа се многу здрави процеси, демократски процеси кои може да ги имаме во секоја организација, па и политичка. Секако, патот е Алијанса да се обедини и да бидеме што е можно пообединети во една инфраструктура која утре ќе се нарекува ВЛЕН“, додаде Алиу.

