Српската полиција уапси седум лица во рамки на акцијата „Армагедон“, насочена кон откривање и сузбивање на сексуална злоупотреба на деца преку интернет.
Акцијата била спроведена во повеќе градови, меѓу кои Белград, Нови Сад, Ниш и Сомбор, во координација со обвинителството за високотехнолошки криминал.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осомничените подолг период преку интернет платформи и таканаречениот „дарк веб“ преземале, чувале и разменувале недозволени материјали поврзани со сексуална експлоатација на малолетници.
При претресите биле запленети компјутери, телефони и други електронски уреди, на кои биле пронајдени голем број фотографии и видеа со злоупотреба на деца, при што дел од жртвите биле на возраст од само четири години.
Осомничените се товарат за кривични дела поврзани со поседување, прикажување и дистрибуција на порнографски материјал и искористување малолетници. Од српското МВР нагласија дека акцијата испраќа јасна порака дека интернет-просторот нема да биде засолниште за сторителите на вакви кривични дела и апелираа до родителите внимателно да ги следат онлајн активностите на децата.

