Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија ја информира јавноста за законските измени во управната постапка што се однесуваат на возачките дозволи и начинот на извршување на прекршочната санкција „забрана за управување со моторно возило“, изречена со правосилни судски пресуди.
Според новите законски одредби, извршувањето на забраната повеќе нема да се врши со физичко впишување во возачката дозвола. Со ова се укинува и потребата граѓаните да плаќаат за издавање нова возачка дозвола во која е впишана забраната, со ист рок на важност.
Наместо тоа, воспоставен е дигитален систем на известување преку две текстуални пораки (СМС) и електронска пошта.
Како ќе се спроведува постапката
Првата порака, која има информативен карактер, граѓаните ќе ја добијат приближно седум дена по пополнувањето на изјавата со контакт-податоци. Во неа се содржани информации за видот и времетраењето на изречената забрана.
Втората порака ќе биде испратена осум дена по приемот на првата. Забраната за управување со моторно возило официјално започнува да тече од моментот на приемот на втората порака.
Од Министерството најавуваат дека во следната фаза ќе се овозможи забраната да започнува веднаш по ажурирањето на податоците.
Според податоците на Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија, досега, согласно новиот начин на извршување, реализирани се повеќе од 3.000 забрани за управување со моторно возило изречени со правосилни судски пресуди.
Важно известување
Од Министерството нагласуваат дека забраната не започнува да тече од денот на пополнување на изјавата во одделенијата за управни работи, туку исклучиво по приемот на втората текстуална порака.
Апел до граѓаните
Од Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија ги повикуваат сите граѓани за кои има правосилни пресуди со ваков вид санкција, а кои добиле покана од Министерството, да се јават во надлежните организациски единици за управни работи.
Целта е да ги достават и ажурираат личните контакт-податоци – број на мобилен телефон и е-маил адреса – што е неопходен услов за правилно и навремено извршување на санкцијата.
Дополнително, од Министерството посочуваат дека и граѓаните кои се обидуваат да го избегнат извршувањето на забраната, а за кои институцијата веќе располага со контакт-податоци, ќе бидат известени преку СМС порака и електронска пошта, по што санкцијата ќе биде спроведена.
Покрај забраните изречени со правосилни судски пресуди, паралелно и целосно автоматизирано се спроведуваат и забраните констатирани преку системот Безбеден град. Известувањето се врши на ист начин – преку СМС порака и електронска пошта – за сторени прекршоци за кои според закон е предвидена ваква санкција и за кои граѓаните ја прифатиле одговорноста и ја платиле предвидената глоба.
Со овие измени, постапката станува побрза и поефикасна, а административните процедури за граѓаните значително се намалуваат.

