Дваесет и двегодишна девојка која допатувала од Германија во Скопје доживеала вистински кошмар кој траел десет дена. Според информациите, 25-годишен скопјанец со кого претходно се запознала ја затворил во својот дом, каде што ја малтретирал, физички ја напаѓал, ја силувал и ѝ го одзел мобилниот телефон.
Осомничениот е уапсен, а целиот случај бил откриен откако девојката по десет дена успеала да стапи во контакт со својата мајка и да побара помош. Мајката веднаш ја известила полицијата, по што биле преземени итни мерки.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека на 05.03.2026 година околу 16:55 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Гази Баба го лишиле од слобода Е.А. (25) од Скопско. Претходно било пријавено дека на 23.02.2026 година во својот дом физички нападнал 22-годишна жена со која претходно се запознале, а која пристигнала од Германија.
Според пријавата, тој извршил обљуба врз неа, ѝ упатувал закани и во периодот додека престојувала во неговиот дом не ѝ дозволувал самостојно да излезе, а дополнително ѝ го одзел и нејзиниот мобилен телефон.
На 04.03.2026 година девојката успеала телефонски да се јави кај својата мајка, по што таа веднаш ја алармирала полицијата. Полициските службеници пристигнале на посочената адреса и по направена проценка на ризик презеле соодветни мерки.
За случајот е известен и јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка.

