Голем скок на цената на нафтата

Цената на нафтата денеска срастично порасна, бидејќи ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток сериозно ги наруши глобалните текови на енергија.

Така, нафтата Брент скокна за повеќе од седум проценти на ниво од околу 91 долар за барел, што е највисоко од април 2024 година, а американската сурова нафта WTI (West Texas Intermediate) за повеќе од 10 проценти, на околу 89 долари за барел, објави Trading Economics.

Катарскиот министер за енергетика, Саад ал-Каби, изјави дека извозниците од земјите од Персискиот Залив ќе го прекинат производството во рок од неколку дена доколку танкерите не можат да поминат низ Ормускиот теснец.

Ормускиот теснец е клучна рута која обично транспортира околу 20 милиони барели нафта и нафтени деривати дневно. Во меѓувреме, тензиите остануваат високи откако Абас Аракчи изјави дека Иран не бара преговори.

САД сигнализираа можни мерки за ублажување на притисокот, вклучително и потенцијално ослободување на нафта од стратешките резерви, а воедно привремено ќе ѝ дозволат на Индија да купи дел од руската сурова нафта што веќе се наоѓа на море.

Саудиска Арабија ги зголеми цените на нафтата за азиските купувачи и ги пренасочи пратките преку пристаништата на Црвеното Море за да го заобиколи Хормускиот теснец.

Дали Македонија треба да се грижи!

Премиерот Христијан Мицкоски вчера одржа средба со претставници на нафтената индустрија во државата, на која се разговарало за состојбата со нафтените деривати во услови на кризата на Блискиот Исток и глобалните предизвици во оваа индустрија.

-Заклучивме дека нема простор за загриженост и дека состојбата е целосно под контрола. Залихи на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат. Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата и ќе реагираме во зависност од реалните потреби, кажа Мицкоски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде