Државјанин на Северна Македонија е уапсен во Швајцарија по сериозен вооружен инцидент кој се случил во четвртокот на 5 март. Според полициските извештаи, 34-годишниот осомничен пукал од автомобил кон група луѓе, по што следела вистинска драма низ улиците.
Настанот се случил околу 13:10 часот, во индустриската зона на градот Егл (Aigle).
Осомничениот од своето возило испукал најмалку еден куршум во близина на мала група мажи кои стоеле пред јавен локал.
Веднаш по пукањето, сторителот дал во бегство.
Две лица од нападнатата група веднаш влегле во автомобил и започнале потера по него сè до местото Бекс (Bex), каде што му ја изгубиле трагата.
Првичните информации од надлежните укажуваат дека мотивот за пукањето е претходна меѓусебна расправија.
Инцидентот е директно поврзан со конфликт помеѓу инволвираните лица, кои лично се познавале, објави 4news.mk За среќа, во целиот настан нема повредени лица. По губењето на трагата, швајцарската полиција покренала огромна потрага, при што македонскиот државјанин конечно бил лоциран и уапсен во местото Шател-сур-Бекс (Châtel-sur-Bex). Тој немал пријавено живеалиште во Швајцарија.
Во оваа голема акција биле вклучени бројни полициски патроли на Жандармеријата, припадници на специјалната единица DARD, полициски кучиња, засилување од кантоналната полиција, како и специјален хеликоптер.

