Обид за убиство во Македонија

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – убиство во обид, а против него поведена е и постапка за загрозување на сигурноста, се вели во денешното соопштение на Обвинителството.

Како што се наведува во соопштението, на 1 март, во семејниот дом, во присуство и на друго лице, при вршење семејно насилство, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот својата сопруга.

Тој извадил пиштол што го поседувал со дозвола, го репетирал и испукал еден куршум, кој поминал покрај оштетената, се одбил од паркетот и завршил во прозорецот.

Потоа се симнал на долниот кат и на двете ќерки им кажал дека пукал во мајка им. Тие заедно со оштетената си заминале од домот.

На 5 март осомничениот повторно пред двете деца се заканувал со пиштолот на сопругата, со намера да ги вознемири и да ги заплаши.

„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и постапката, како и опасност да го доврши убиството кое се обидел да го стори“, стои во соопштението на Обвинителството.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде