МВР на нозе: Полицајци кои постапувале кај Јовановски под истрага!

Секторот за внатрешна контрола при Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија спроведува проверки за постапувањето на полициските службеници кои реагирале на повеќе пријави за семејно насилство поврзани со трагичниот случај на Ивана Јовановска, која загина по пад од балкон заедно со нејзината шестгодишна ќерка.

Според неофицијални информации објавени од ТВ 24, полицијата во изминатите години постапувала по околу десетина пријави поврзани со ова семејство. Дел од пријавите се однесувале на семејно насилство, нарушување на јавниот ред и мир, закани, како и кавги и викање. Пријави поднесувала самата Ивана, но и соседи од зградата.

Како што дознава телевизијата од извори од истрагата, документацијата поврзана со овие случаи веќе е обезбедена, а од утре се очекува да започнат разговори со полициските службеници кои постапувале по секоја од пријавите поврзани со семејството Јовановски.

Од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека веќе се издадени конкретни насоки за спроведување проверки и собирање на сите релевантни информации и докази. Еден од клучните документи за понатамошното постапување ќе биде извештајот на Секторот за внатрешна контрола на МВР.

Од обвинителството посочуваат дека по добивањето на извештајот ќе биде направена сеопфатна анализа на сите собрани податоци, по што без одлагање ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука за натамошни чекори.

Во меѓувреме, истражните дејствија за самиот случај продолжуваат. Осомничениот Стојанче Јовановски, кој според обвинителството со години ја малтретирал својата сопруга, доби продолжување на притворот за уште осум дена. Според информациите од истрагата, на денот на трагедијата тој двапати физички ја нападнал, за што постои и видео-снимка, а на настанот интервенирала и полицијата. Сепак, како што претходно изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, при интервенцијата не биле констатирани видливи телесни повреди.

Во видео што го објави Скопје1, осомничениот на прашањето дали чувствува вина не одговорил, туку само молчел и реагирал со гримаси.

Од МВР денеска излегоа и со статистички податоци за случаите на семејно насилство. Во последните две недели, полицијата поднела 21 кривична пријава за вкупно 25 кривични дела поврзани со семејно насилство.

Само во Скопје се поднесени пет кривични пријави за родово базирано насилство – три за кривично дело „загрозување на сигурноста“ и две за „демнење“. Во овие случаи изречени се пет мерки притвор и една мерка на претпазливост.

Според податоците на МВР, најголем дел од пријавените дела се однесуваат на „телесна повреда“, но има и случаи за „противправно лишување од слобода“, „обид за убиство“, како и „полов напад и силување“.

Од обвинителството вчера соопштија дека е отворена истрага и дека според досегашните сознанија, Ивана Јовановска со години била изложена на физичко и психичко насилство. Нападите биле пријавувани и од неа и од други очевидци, а според обвинителството, насилството се интензивирало во последната година. Во такви околности, како што наведуваат од обвинителството, таа се нашла во безизлезна ситуација и се одлучила на самоубиство.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде