Во следните денови времето ќе започне стабилно и релативно топло, со повеќе сончеви периоди и пријатни пролетни температури кои на некои места ќе достигнуваат околу 18-19°C. Утринските температури ќе бидат свежи и на повеќе места ќе се движат околу 1 до 3°C.
Сепак, во вторник кон среда се очекува промена на времето и продор на постудена воздушна маса од север, што ќе донесе зголемување на облачноста и повремени врнежи. Со оваа промена ќе дојде и до значително намалување на температурите.
На планинските подрачја се очекуваат врнежи од снег, а границата на снежни врнежи во вторник кон среда постепено ќе се спушти и до околу 1000 метри надморска височина, што значи дека на повисоките планини ќе се создаде и нова снежна покривка.
Во пониските места врнежите ќе бидат претежно од дожд, но поради падот на температурите времето ќе биде значително посвежо во однос на почетокот на неделата.
Од втората половина на неделата се очекува постепено стабилизирање на времето со променлива облачност и сончеви периоди, додека температурите ќе останат умерени и типични за март. Генерално, не се очекуваат поизразени временски непогоди, но промената на времето во вторник и среда ќе донесе заладување, дожд во пониските и снег на планините, со спуштање на снежната граница околу 1000 метри.
Метео анализа на Славчо Попоски.

