Премиерот Христијан Мицкоски најави конкретни мерки за ублажување на најавеното поскапување на горивата, по анализите кои покажуваат силен раст на цените на светските пазари.
Според проценките, бензините од 95 и 98 октани би можеле да поскапат за околу 6,5 денари по литар, додека дизелот би достигнал зголемување од дури 10,5 денари. Тоа би значело дека бензините од сегашните 86,5–88,5 денари би се искачиле на 93–95 денари, а дизелот од 92 на 102,5 денари по литар.
Како одговор, Владата на Северна Македонија донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност за бензините и дизелот од 18 на 10 проценти, со цел да се ублажи ударот врз граѓаните.
„Со оваа мерка очекуваме цената на бензините да остане речиси непроменета, додека дизелот да поскапи за околу 3 до 3,5 денари по литар, наместо за повеќе од 10 денари“, изјави Мицкоски.
Дополнително, Владата води разговори со ОКТА за зголемување на попустот кон трговците, што би можело да донесе дополнително намалување на цените.
Премиерот посочи дека доколку се постигне договор, цените би можеле да бидат и до 3 денари пониски од максималните утврдени од Регулаторната комисија за енергетика.
Според проценките, граѓаните со овие мерки би заштедиле околу 200.000 евра дневно, односно приближно 1,5 милиони евра неделно.
„Ова е одлука со која директно го штитиме стандардот на граѓаните во услови на глобална енергетска криза“, нагласи Мицкоски, додавајќи дека земјава и понатаму има едни од најниските цени на горивата во регионот.

