Почина Јане Пенов – „Цевка“, гитаристот на најпознатата македонска акустичарската група „Макакус“, која кон крајот на 70-ите и почетокот на 80-ите годинуи беше една од најзначајните не само кај нас туку и на просторите на некогашна Југославија.
Особено беа забележителни нивните самостојни концерти во „Домот на млади 25 Мај“ (денес МКЦ) во Скопје, потоа во Сараево, како и настапот на младинскиот фестивал во Суботица, победата на Југословенскиот акустичарски фестивал „Фамус 5“, како и фестивалот на акустичари во Сивац.
Покрај Јане Пенов Цевка, членови на „Макакус“ (името е кратенка од македонски акустичари) беа: Ѓорѓе Васиќ – гитара и вокал, подоцна познат како Џина Папас Џокси, Орце Чунихин Орша- вокал, Весна Јаневска и Соња Боневска – женски вокали и Ацо Богдановски Конга – удиралки, подоцна и Будимка Мирковска сега Имери – вокал, Александар Стефановски – Јаблан – гитара и вокал…
По распадот на групата, Јане Пенов ќе продолжи да работи како професор по класична гитара, учејќи многу генерации млади гитаристи.
По веста за смртта на Јане Пенов на социјалните мрежи се огласи основачот на „макакус“, негов колега и другар Џина папас Џокси, соопштувајќи ја тажната вест за заминувањето на професорот Пенов.
„Денеска тагата е поголема од зборовите. Тагуваат роднините, пријателите и сите што го познаваа проф. Јане Пенов Цевка.
Со него ме врзуваат едни од најубавите години од животот – времето кога бевме дел од МАКАКУС (Македонски акустичари). Заедно ги освојувавме најзначајните награди за млади музичари, создавајќи музика што се издвојуваше по својата тежина, оригиналност и храброст. Неговото влијание врз моето творештво беше огромно. Често знаеше да каже: „Мора да создадеме песни што никој нема да може да ги отсвири.“ И навистина, така и беше.
Се нижеа песни со свој печат – „Сладолед за чавки (Непотребни мушички)“, „Големиот шеф“, „Се врати блудниот син“, „Кловн и кукла“, „Обоена светлина“… – препознаени и од публика и од стручни жирија.
Вежбавме неуморно, по 12 часа дневно во Домот на млади „25 Мај“. Од жиците прстите ни крвареа, но знаевме зошто го правиме тоа. Свиревме грб со грб, дури и со врзани очи – музиката што ја создававме беше нешто што тешко се опишува со зборови.
На пробите често имавме публика, сведоци на неговите идеи и начинот на кој ја градеше секоја песна. Тоа беше фасцинантно. Ретко видена креативност.
Не ја преболе лесно пропуштената шанса да го снимиме албумот за ПГП РТБ. Со разочарување велеше дека тие што одлучуваат – не ја разбираат музиката. Со таа одлука ни се срушија многу соништа.По шест години заедничка работа, патиштата ни се разделија, но пријателството остана. Останаа и спомените – длабоки, искрени и неизбришливи.
Почивај во мир“ – споделил Џокси на својот Фејсбук профил.


