Силно невреме ќе ја зафати Македонија: Синоптичарите со најнова прогноза

Силно невреме е на прагот на Македонија и ќе донесе нагла промена на времето, со обилни врнежи, силен ветер и значително заладување во наредните денови.

Според најновите најави на метеоролозите, почнувајќи од четврток (26 март), од север кон Балканот ќе се спушти многу ладна воздушна маса, невообичаена за овој период од годината. Ова ќе предизвика формирање на длабок циклон над Џеновскиот залив, кој ќе влијае врз целата територија на Македонија.

Под влијание на овој систем, кон крајот на денот во четврток и во текот на ноќта кон петок, прво во западните, а потоа и во поголем дел од државата ќе започнат врнежи од дожд. На моменти тие ќе бидат пообилни и поројни, проследени со грмежи и нестабилно време.

Ќе дува засилен, повремено и силен ветер од јужен и југоисточен правец, кој локално ќе достигнува брзина и над 60 километри на час, со потенцијал да прерасне во невреме. Се очекува да наврнат и повеќе од 25 литри дожд на метар квадратен.

Со продорот на студениот воздух ќе дојде и до значително заладување. На планините и на местата над 1000 метри надморска височина врнежите ќе преминуваат во снег, при што ќе се формира снежна покривка повисока од 15 сантиметри.

Постојат услови снежната граница дополнително да се спушти, особено во западните и северните делови од земјата, што значи дека влажен снег може да се појави и во повисоките населени места.

Во Скопје и околината се очекуваат врнежи од дожд проследени со силен ветер, а со падот на температурите, на околните планини дождот ќе преминува во снег.

Температурите ќе доживеат значителен пад, па во петок максималните ќе се движат меѓу 6 и 14 степени, додека во Скопје ќе достигнат околу 11 степени.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде