Зимата не се предава – најновите долгорочни прогнози на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF) најавуваат нагол временски пресврт и враќање на зимски услови на Балканот.
Според прогнозите, регионот ќе биде зафатен од силна снежна бура, при што најпогодени ќе бидат Босна и Херцеговина и Хрватска. На планините се очекува снежна покривка и до еден метар, а снег ќе врне и на пониски надморски височини, проследен со силен ветер. Температурите ќе се намалат драстично, за повеќе од 10, а локално и до 15 степени, што може сериозно да ги оштети овошките кои веќе се во фаза на цветање.
Првата седмица од април ќе донесе значително постудено време од вообичаеното, со чести врнежи од дожд и снег, а снежни врнежи се можни и во дел од градовите низ регионот.
Во Македонија, според Управата за хидрометеоролошки работи, денеска ќе дува умерен до засилен, а наместа и силен ветер од јужен правец, со брзина над 60 километри на час. Кон крајот на денот, под влијание на циклонска активност, се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд.
Во петок врнежите на места ќе бидат пообилни, над 20 литри на метар квадратен, со можност за ретки грмежи. На повисоките места дождот ќе преминува во снег, додека на планините ќе се формира нова снежна покривка.
За време на викендот ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи, проследени со умерен до засилен ветер од северен правец, особено изразен долж Повардарието.

