Полициски службеници од полициската станица „Стари Град“ синоќа во 22:40 часот добиле пријава дека на платото пред Филозофскиот факултет во Србија се наоѓа женско лице на возраст од околу 25 години, без знаци на живот.
По пристигнувањето на местото на настанот, од очевидци било посочено дека на петтиот кат од факултетот дошло до активирање и палење пиротехнички средства, по што младата жена, најверојатно студентка, скокнала од прозор.
Според информациите, во просторијата биле пронајдени петарди, факели и спрејови, поставени во близина на радијатор, што најверојатно предизвикало пожар и паника во објектот.
Надлежните институции најавуваат истрага за утврдување на сите околности и одговорноста за трагичниот настан.
За овој настан синоќа зборуваше и началникот на Полициската станица Стари Град – Раденко Ресановиќ.
– Полициските службеници од полициската станица Стари Град реагираа откако во 22:40 часот добија информација дека на платото пред Филозофскиот факултет има жена на околу 25 години и дека не покажува знаци на живот. После тоа, полициските службеници од Стари Град излегоа на местото на настанот каде што, по првите првични информации, добивме информација од очевидци дека на петтиот кат од Филозофскиот факултет биле активирани и запалени пиротехнички средства, и дека после тоа жена на околу 25 години, најверојатно студентка на факултетот, скокнала од прозорецот. По овој настан, беше известено надлежното обвинителство, кое нареди да се спроведе истрага. Нашите истражни екипи се на местото на настанот, тие фиксираат, ги евидентираат сите траги, ги интервјуираат очевидците од местото на настанот – рече Ресановиќ.

