Нови информации протекоа во јавноста за убиството што ја потресе Македонија, а се случи вчера во Охрид.
Жарко Гроздановски од Брвеница кој е уапсен под сомнение дека го убил 76-годишниот охриѓанец Климе Митрески, всушност имал договор со, сега убиениот, доживотно да се грижи за него.
Според неофицијалните информации, меѓу двајцата постоел договор за доживотна издршка, со кој Гроздановски требало да се грижи за Митрески, а по неговата смрт да го наследи неговиот имот. Истражните органи се сомневаат дека токму овој договор бил мотивот за убиството, односно осомничениот сакал предвреме да дојде до имотот.
Гроздановски до 2010 година работел во тетовската Клиничка болница, а после тоа почнува со работа на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
Во јавноста, Гроздановски беше познат како самопрогласен „лидер“ на група наречена „Христијанско братство“, а во 2019 година беше уапсен поради закани упатени преку „Фејсбук“ кон тогашниот премиер Зоран Заев. Апсењето на Гроздановски тогаш уследи по објавен видео запис каде тој освен што бара ослободување на еден негов „брат по вера“, искажал и сериозни закани по животот на Заев.
Жртвата, 76-годишниот охриѓанец Митрески, пак работел во Австралија и е сопственик на угостителскиот објект „Климентов Конак” во старото охридско јадро.

