Ова е куќата во која синот си ја уби мајката. Во тивката улица во Росоман, каде што соседите се навикнати на секојдневниот ритам на животот, денот започна со злосторство.
27-годишниот Игор со нож во вратот ја уби својата мајка, 54 годишната Сијка, во семејниот дом, по што викнал полиција и и се предал.
Но, соседите велат, трагедијата не дошла од никаде. Со години, тврдат, од куќата се слушале кавги, викања и закани. Раскажуваат дека пред три години младиот човек се обидел и да ја запали куќата. Утрово, околу 7 часот, кога се случило убиството, никој не слушнал ништо.
Сепак, случајот има и претходна историја. Од полицијата велат дека уште во август 2023 година, таткото пријавил дека синот, кој имал здравствени проблеми, бил агресивен и ги нападнал родителите. Татко му го пријавил, но следниот ден побарал од полицијата да ја повлече пријавата. По интервенција на полицијата, Игор бил хоспитализиран во кавадаречката болница, а потоа и пренесен во психијатриска установа, од каде што, според соседите, по интервенција на роднина, бил пуштен дома.
Росоман не памети вакво злосторство. Ова утро ништо не наговестувало дека во куќата, во која често имало расправија, синот ќе посегне по животот на својот родител.

