Штипската телевизија „М-нет“ објави видео на кое се гледа како девојка во центарот на Штип, во близина на Здравствениот дом, е држена за рацете од момче. Таа на повисок тон го моли да ја пушти и во неколку наврати се обидува да се извлече.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека за настанот нема официјална пријава. Неофицијално, во моментот на инцидентот, на местото случајно поминале двајца униформирани полициски службеници од полициската станица во Штип и ги прашале лицата дали има проблем.
Според полицијата, девојката била во видно алкохолизирана состојба и сакала да изврши мала нужда, додека момчето ја придржувало.
Полициските службеници си заминале без да документираат настан. Поради тоа, денеска ќе бидат поведени дисциплински постапки против нив, бидејќи нема службена белешка ниту запис за легитимирање на лицата.
Од МВР додаваат дека по идентификацијата на двете лица од видеото ќе следуваат соодветни прекршочни пријави согласно Законот за прекршување на јавниот ред и мир.

