Нови информации од истрагата за убиството на 79-годишната Борјанка Николова од Штип ја потресуваат јавноста.
74-годишниот Денис Асанов, кој е обвинет за убиството, бил пронајден во својот дом со необичен и шокантен предмет – облечена женска кукла со човечки димензии, со која, според извори спиел во кревет.
Според полицијата, кога истражителите влегле во домот на Асанов на 10 ноември 2025 година за да извршат претрес по судска наредба, таму пронашле неколку докази кои ја потврдуваат нивната истрага.
Меѓу нив биле и траги од крв, како и други предмети кои го поврзуваат обвинетиот со кривичното дело.
Денис Асанов е обвинет дека ја киднапирал Борјанка Николова, со која бил во блиски лични односи, ја држел затворена во својот дом, а потоа ја усмртил со остар предмет и ја закопал во дворот на својата куќа.
Случајот започнал на 24 октомври 2025 година, кога 84-годишната Д.О., сестра на Борјанка, пријавила во СВР Штип дека нејзината сестра се оддалечила од својот дом. Полицијата презела низа мерки, а по сомнежот дека Асанов противправно ја држел во својот дом, на 10 ноември бил извршен претрес.
По извршениот увид, СВР Штип во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност поднеле кривична пријава против Асанов поради постоење основи за сомнение за сторени кривични дела: противправно лишување од слобода и убиство по член 123.
Истрагата продолжува, а јавноста внимателно ја следи секоја нова информација за овој шокантен случај кој ја потресе Штипската заедница.

