Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американските сили рано утрово успеале да го пронајдат и спасат и вториот член на екипажот на авионот кој беше соборен во петок длабоко на територијата на Иран, за кого рече дека се здобил со повреди, но дека е „жив и здрав“.
Трамп во објава на социјалната мрежа Трут Соушал наведе дека „во текот на изминатите неколку часа, војската на Соединетите Американски Држави извела една од најсмелите операции за потрага и спасување во историјата на САД“, за еден од американските „неверојатни офицери, кој исто така е многу почитуван полковник“.
„Овој храбар воин беше зад непријателските линии во опасните планини на Иран, каде што беше гонет од нашите непријатели, кои му се приближуваа од час во час, но никогаш не беше навистина сам бидејќи неговиот врховен командант, секретарот за одбрана, началникот на Здружениот генералштаб и неговите соборци ја следеа неговата локација 24 часа на ден и вредно го планираа неговото спасување“, истакна Трамп.
Американскиот претседател рече дека, по негова наредба, војската на САД „испратила десетици авиони, вооружени со најсмртоносното оружје во светот, за да го извлечат“.
„Се здоби со повреди, но ќе биде добро. Оваа чудесна операција за потрага и спасување следеше паралелно со успешно спасување на уште еден храбар пилот, вчера, што не го потврдивме, бидејќи не сакавме да ја загрозиме нашата друга спасувачка операција. Ова е првпат во воената историја два американски пилоти да бидат спасени, одделно, длабоко на непријателска територија“, истакна Трамп.
Тој порача дека американската војска „никогаш нема да остави“ ниту еден американски пилот зад непријателските линии.
„Фактот што успеавме да ги изведеме двете операции, без ниту еден загинат или дури ранет Американец, уште еднаш докажува дека постигнавме огромна воздушна доминација и супериорност над иранското небо. Навистина ја имаме најдобрата, најпрофесионалната и најсмртоносната војска во историјата на светот“, рече Трамп, кој во пораката исто така им го честиташе Велигден на протестантите и католиците.
Повеќе американски официјални лица изјавија за Си-Би-Ес дека американскиот член на екипажот на авионот кој беше соборен над југозападниот дел на Иран е спасен рано утрово по локално време.
Одговорноста за нападот врз американскиот авион, во кој имало два члена на екипажот, ја презеде Иранскиот корпус на гардата на исламската револуција (ИРГЦ).
Пилотот на Ф-15Е безбедно се катапултирал и бил спасен од два воени хеликоптери, претходно изјавија американски официјални лица, додека вториот член на екипажот, офицер за системи за вооружување, до утрово се водел како исчезнат.
За време на спасувачките акции во петокот, американски хеликоптер кој превезувал еден спасен пилот бил погоден со оган од лесно оружје, при што биле ранети членови на екипажот, но хеликоптерот безбедно слетал.

