Почина Јасмина Жисовска-Жис, истакната историчарка на уметност од Куманово и една од најпрепознатливите личности во градот, која со децении беше посветена на заштитата на културното наследство.
Нејзините колеги и соработници се простуваат од неа со зборови дека зад себе остави длабока и трајна трага, особено во зачувувањето на сакралните објекти.
Жисовска е родена на 28 февруари 1959 година во Куманово, каде го завршила основното и средното образование. Студирала на Филозофски факултет при УКИМ, на насоката историја на уметност со археологија, а дипломирала во 1984 година.
Веќе следната година се вработила во тогашниот Народен музеј во Куманово, денес НУ Музеј – Куманово, каде работела како кустос и историчар на уметност.
Во првата деценија од својата кариера била фокусирана на истражување на христијанските сакрални споменици во кумановскиот регион. Како резултат на тие истражувања, во соработка со Викторија Коробар од Музеј на Македонија, го подготвила каталогот „Иконите во Кумановско“, објавен во 2001 година.
Има објавено и научен труд „Црковни споменици во Кумановскиот крај“, во музејскиот гласник од 1994 година.
Подоцна работела како кустос за современа уметност во Уметничката галерија при Музејот, каде активно учествувала во организација на бројни изложби, меѓу кои и традиционалните „Кумановски ликовни уметници“ и „Ликовна колонија Куманово“.
До крајот на 2004 година била дел од Музејот, а од 2005 година кариерата ја продолжила во Управа за заштита на спомениците на културата при Министерството за култура во Скопје, каде работела како советник-инспектор за културно наследство сè до 2019 година.
Поради здравствени причини се вратила во Музејот во Куманово, каде работела до пензионирањето во 2021 година.
Жисовска ќе остане запаметена и како една од најгласните заштитнички на Манастир Матејче. По конфликтот во 2001 година, таа со години укажуваше на лошата состојба на овој значаен сакрален објект, посветен на Богородица, нагласувајќи дека станува збор за еден од највредните споменици на византиската уметност во земјава.

