Објавени најновите анкети – Орбан утре ќе доживее тежок пораз?

Во пресрет на утрешните парламентарни избори во Унгарија, најновата анкета покажува голема предност за опозициската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, и дополнително ја засилува неизвесноста околу политичката иднина на Виктор Орбан.

Според истражувањето на AtlasIntel, кое денес го пренесоа повеќе медиуми, Тиса има поддршка од 52 проценти, додека владејачката коалиција Фидес-КДНП е на 39 проценти.

Овие бројки се толкуваат како уште еден знак дека Орбан се соочува со најтешкиот изборен тест во последните 16 години.

И Reuters деновиве објави дека и други анкети ѝ даваат предност на Тиса, при што истражување на Idea Institute покажа 50 проценти поддршка кај определените гласачи за партијата на Маѓар, наспроти 37 проценти за Фидес.

Изборите се следат со големо внимание и надвор од Унгарија, затоа што исходот може да значи крај на долгогодишното владеење на Орбан и голема политичка промена во земјата. Според официјалните изборни информации, гласањето за парламентарните избори е закажано за недела, 12 април 2026 година.

Главен противник на Орбан е токму Петер Маѓар, поранешен човек од системот, кој во меѓувреме се наметна како најсилно опозициско лице. Странските медиуми оценуваат дека оваа изборна трка веќе не е само домашно политичко прашање, туку и тест за насоката по која ќе се движи Унгарија во однос на Европската Унија, Русија и Западот.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде