Сендвичи, тостови, помфрит и препознатлив мајонез – ова е рецептот кој на скопската сендвичара Седмица ѝ донесе промет од 5,3 милиони евра минатата година.
Брендот, кој постои од 1987 година, денес со само три локации за брза храна и еден ресторан успева да испорача илјадници нарачки и да бележи континуиран раст, пишува Pari.com.mk.
Реализираниот промет е за 8,12 проценти повисок во споредба со претходната година, кога изнесувал 4,9 милиони евра. Речиси целиот приход, односно 99,27 проценти, доаѓа директно од продажба на готови производи.
Нето приходот пред оданочување достигнува речиси 1,2 милиони евра, што претставува раст на профитабилноста од 12,1 проценти, додека бруто-профитната маржа изнесува 22,6 проценти. Иако приходите растат, растат и трошоците, но со поумерено темпо од околу 7 проценти на годишно ниво. Најголемиот дел од расходите, повеќе од 61 процент, се однесуваат на набавка на суровини.
Од компанијата велат дека квалитетот е приоритет, при што за плескавиците се користи исклучиво првокласно јунешко месо.
Тимот брои 91 вработен, кои секојдневно се справуваат со метежот и долгите редици карактеристични за нивните објекти.
И покрај промените на пазарот, цените остануваат релативно стабилни и препознатливи за граѓаните. Сендвич со плескавица чини 210 денари, хамбургер 250 денари, пилешките сендвичи достигнуваат до 290 денари, додека најскапиот производ, популарната „Биг Мек“ варијанта, се продава за 360 денари.
Во време на дигитална трансформација и апликации за достава, Седмица останува доследна на својот класичен модел на директна услуга во локал. Формула што функционира веќе четири децении, водена од мотото дека целта е клиентите никогаш да не бидат разочарани.

