Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен скопјанец, за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело убиство. Инцидентот се случил на 23 април по полноќ пред угостителски објект на улицата „50 Дивизија“ во Скопје.
Според деталите од Обвинителството, на нападот му претходела кратка вербална расправија во самиот објект, која подоцна ескалирала во физичка пресметка надвор.
Оштетениот прв го нападнал осомничениот, по што 25-годишникот извадил нож.
Напаѓачот, како што додаваат од Обвинителството, му задал на оштетениот неколку убоди во пределот на градниот кош, стомакот и грбот. По укажаната лекарска помош, оштетениот е пуштен на домашно лекување.
Јавниот обвинител, имајќи ги предвид сите околности и законските основи, до судијата на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.
За случајот претходно информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде што рекоа дека е приведен скопјанец кој минатиот четврток пред угостителски објект на улицата „50 Дивизија“ со нож му нанел убодни рани на друго лице. Од МВР рекоа дека против скопјанецот со иницијали А.Ч. е поднесена кривична пријава и одредена му е мерка куќен притвор во траење од 30 дена.

