УБАВИ ВЕСТИ: Оваа општина ја зголеми финансиската поддршка за новороденчиња!

Општина Центар продолжува со нови мерки за поддршка на граѓаните, а овојпат фокусот е ставен на младите семејства, децата и повозрасните лица. По повод Меѓународниот ден на семејството, градоначалникот Горан Герасимовски информираше за проектите и финансиската помош што општината ги реализира во насока на подобрување на секојдневниот живот на жителите.

Од општината потенцираат дека и понатаму остануваат посветени на јакнење на социјалната сигурност преку конкретни мерки кои директно треба да им помогнат на граѓаните.

Една од најзначајните новости е зголемувањето на финансиската поддршка за новороденчиња. Наместо досегашните 7.000 денари, семејствата отсега ќе добиваат по 10.000 денари за новородено дете.

За оваа намена, во буџетот за 2026 година се предвидени околу 4 милиони денари, а според податоците од општината, од почетокот на годината досега веќе се исплатени 696.681 денар.

Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека семејството претставува темел на општеството и нагласи дека локалната самоуправа ќе продолжи со вложувања во мерки кои треба да го олеснат секојдневието на граѓаните. Тој ги повика сите семејства со новороденчиња да ја искористат оваа можност и да аплицираат за финансиската помош.

Покрај ова, најавена е и изградба на нова градинка во близина на Клиничкиот центар, проект кој треба да обезбеди дополнителен капацитет за згрижување на деца и да одговори на потребите на семејствата од тој дел на општината.

Поддршката нема да биде насочена само кон младите семејства. Општина Центар продолжува и со мерките за помош на пензионерите, при што еднократната финансиска помош е зголемена на 5.000 денари.

Од локалната самоуправа велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон подобрување на квалитетот на живот, социјалната заштита и поддршката за сите категории граѓани.