Министерството за економија и труд објави јавен повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија, како и за занаетчии, со цел да се помогне во набавка на нови машини и алати и да се поттикне развојот на домашното производство и услугите.
Со повикот е предвидено кофинансирање од 40% од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200.000 денари по барател. За оваа мерка се обезбедени вкупно 11,34 милиони денари.
Поддршката се однесува на трошоци направени во текот на 2025 и 2026 година. Како „нова машина“ се смета опрема произведена не порано од две години од датумот на купување, додека под „алат“ се подразбира помошно средство што се користи во производниот или услужниот процес. Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, регистрирани согласно Законот за трговски друштва, како и занаетчии и вршители на занаетчиска дејност регистрирани согласно Законот за занаетчиство.
За претпријатијата е предвиден и услов да вршат дејност од преработувачката индустрија и да имаат најмалку двајца вработени на неопределено време. За фирми во сопственост и управувани од жена, условот е најмалку едно вработено лице кое е сопственик и управител.
Средствата не може да се користат за покривање ДДВ, царина, транспортни трошоци, курсни разлики, закупнини и трошоци платени со компензација.
Апликациите се доставуваат во Архивата на Министерството за економија и труд во Скопје. Крајниот рок за поднесување барања е 30 јуни 2026 година

