Лоша вест: Eве кои работници годинава нема да добијат К-15

Исплатата на регресот за годишен одмор (К-15) од 1 јули повторно ја отвора темата за правата на работниците и финансиските можности на работодавачите.

Додека законската обврска за исплата останува јасно утврдена со колективните договори, висината на К-15 зависи од просечнатат плата која постојано расте и годинава се очекува дополнително зголемување на износот. Сепак, економските предизвици и неизвесноста во дел од стопанството можат да влијаат врз тоа некои компании да не исплатат регрес за годишен одмор.

Според Општиот колективен договор, во приватниот сектор регресот изнесува 40 отсто од просечно исплатената нето-плата во последните три месеци, додека во јавниот сектор е 30 отсто од просечната плата. За да оствари право на К-15, работникот мора да биде вработен кај ист работодавач најмалку шест месеци во текот на годината. Доколку исплатата се изврши сега, К-15 би изнесувал околу 18.600 денари, врз основа на просек од 46.500 денари за трите последни месеци.

-Во приватниот сектор, регресот за годишен одмор (К-15) може да се исплати и во износ помал од 40 отсто од просечната плата, а во одредени случаи може и воопшто да не се исплати, доколку работодавачот докаже дека има сериозни финансиски потешкотии во работењето. Сепак, ваквата можност е строго регулирана и подложна на контрола од надлежните институции. Доколку Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи утврдат дека компанијата нема реални финансиски потешкотии, тогаш следуваат санкции за работодавачот. За правното лице се предвидени парични казни од 2.000 до 4.000 евра, додека за одговорното лице во компанијата казните се движат од 500 до 1.000 евра. Дополнително, работодавачот е должен да го исплати целиот износ на К-15 на работниците, изјавија од Сојузот на синдикатите на Македонија за „Локално“.

Извор: Локално.мк