Земјотрес го стресе Скопје – граѓаните во паника

Земјотрес со јачина од 3.5 степени според Рихтеровата скала попладнево беше почувствуван во Скопје и околината, предизвикувајќи вознемиреност и паника кај дел од граѓаните.

Според информациите од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, потресот бил регистриран во 17 часот и 41 минута, а неговиот епицентар потекнува од скопското епицентрално подрачје.

„Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 17 часот и 41 минута беше почувствуван земјотресот чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML 3.5“, информираат од Опсерваторијата.

Интензитетот на земјотресот бил проценет на IV степени според Европската макросеизмичка скала.

По потресот, социјалните мрежи се преплавија со реакции од граѓани од повеќе делови на Скопје, кои сведочат дека земјотресот бил јасно почувствуван.

Дел од скопјани велат дека потресот траел неколку секунди и предизвикал паника, особено кај граѓаните кои живеат на повисоките катови во зградите.