Цените на енергенсите забележаа значителен пад на светските пазари, при што најголемо намалување е регистрирано кај суровата нафта и дериватите, додека природниот гас остана речиси стабилен.
Според последните берзански податоци, цената на „Брент“ нафтата за августовските договори се намали за 4,86 проценти и се тргуваше по 95,34 долари за барел. Во текот на денот највисоката цена достигнала 99,59 долари, додека најниската била 94,22 долари.
Истовремено, американската WTI нафта за јулските договори забележа уште поголем пад од 5,49 проценти, спуштајќи се на 91,30 долари за барел.
Пад е регистриран и кај лондонскиот гасен дизел, кој ослабе за речиси шест проценти, додека цената на бензинот RBOB се намали за 4,70 проценти.
Кај мазутот, односно heating oil, цената се намали за близу четири проценти, што дополнително укажува на намален притисок врз енергетските пазари.
За разлика од нафтата и дериватите, природниот гас остана релативно стабилен со минимален пад од 0,26 проценти.
Аналитичарите оценуваат дека падот на цените е поврзан со очекувањата за намалување на геополитичките тензии на Блискиот Исток, но и со сигналите за можно зголемување на понудата на нафта на глобалниот пазар.
Пазарите внимателно ги следат и разговорите меѓу САД и Иран, бидејќи евентуален договор би можел дополнително да влијае врз снабдувањето со нафта и движењето на цените во наредниот период.

