Гризволд „Гриз“ Чепмен, американски актер најпознат по улогата во популарната комична серија „30 Rock“ (30 карпа), почина на 52-годишна возраст. Како што потврди неговиот долгогодишен агент Саиде Браун за Ти-ем-зет, Чепмен починал вчера. Зад себе ги остави сопругата и двете деца.
Иако причината за смртта не е соопштена на почетокот, познато е дека актерот со години се бореше со сериозни здравствени проблеми.
Во 2010 година, беше подложен на трансплантација на бубрег, а беше и активен портпарол на Националната фондација за бубрези. Тој јавно зборуваше за својата борба со хипертензија и болеста на бубрезите.
Неговиот братучед, кошаркарот на Харлем Глоубтротерс, Донте „Чеканот“ Харисон, се збогува со него на Инстаграм:
– Животот му даде на мојот братучед Гриз Чепмен тешки битки, но тој ги водеше до крај со сила и достоинство. Многумина го познаваа како ѕвездата на ситкомот „30 карпа“, но ние го знаевме како човекот зад екранот – со добро срце, позитивна енергија и некој што остави трага во овој живот. По години борба со болеста и дијализата, тој почина мирно во сон на 22 мај 2026 година. Почивај во мир, братучед.
Чепмен е роден на 16 април 1974 година во Бруклин. Со висина над два метра, тој влезе во шоубизнисот откако го запозна Трејси Морган додека работеше како обезбедување во стриптиз клуб. Морган подоцна го избра за улогата на Гриз, член на неговата екипа во серијата на Тина Феј „30 карпа“, во која глумеше сите седум сезони.
Покрај „30 карпа“, Чепмен имаше улоги во филмови и серии како „Money Monster“, „The Cobbler“, „The Good Fight“ и „The Blacklist“, а водеше и сопствена јутјуб-емисија, „Grizz Chronicles“.

