УДАРНА ВЕСТ: Силен земјотрес со јачина од 6,9 степени – еве каде е епицентарот

Северно Чиле беше погодено од силен земјотрес што го потресе регионот Антофагаста, во близина на градот Калама, рударско срце на земјата и еден од клучните центри за производство на бакар.

Потресот се случил во понеделник попладне по локално време, а според различни сеизмолошки служби неговата јачина е проценета меѓу 6,8 и 6,9 степени.

Според чилеанскиот Национален сеизмолошки центар, земјотресот бил регистриран во 17:52 часот по локално време, со епицентар во околината на Калама и на длабочина од околу 94 километри. Американскиот геолошки институт, според Reuters, го регистрирал потресот како земјотрес со јачина од 6,9 степени и длабочина од 109 километри.

Чилеанските власти засега не пријавиле повредени или жртви. Според Reuters, имало минимални штети, а во Калама биле регистрирани привремени прекини во снабдувањето со струја и вода. Дел од рударските операции биле накратко запрени поради безбедносни проверки, прекини во електричното напојување и намалена видливост во коповите.

Надлежните служби соопштија дека карактеристиките на земјотресот не укажуваат на опасност од цунами. И Пацифичкиот центар за предупредување од цунами објави дека по земјотресот во северно Чиле нема закана од цунами.

Чиле живее на една од најнемирните точки на планетата

Чиле е една од сеизмички најактивните земји во светот, бидејќи се наоѓа долж Пацифичкиот огнен прстен, зона во која се судираат тектонски плочи и често се случуваат силни земјотреси. Земјата има долга историја на разорни потреси, меѓу кои и земјотресот во Валдивија од 1960 година, со јачина од 9,5 степени, најсилниот регистриран земјотрес во историјата.

Во 2010 година Чиле беше погодено и од земјотрес со јачина од 8,8 степени, кој предизвика цунами и однесе повеќе од 500 животи. Токму поради таквата историја, секој силен потрес во земјата веднаш се следи и преку можната опасност од цунами, иако во овој случај таква закана не е утврдена.