Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, кој од 2018 година престојува во Будимпешта, во 2022 година добил унгарско државјанство, објави истражувачкиот портал „VSquare“, повикувајќи се на извори блиски до унгарските власти.
Според информациите, Груевски сè уште живее во Унгарија, што дополнително ги намалува можностите за негова екстрадиција во Северна Македонија.
Порталот наведува дека државјанството било одобрено поради „државен интерес на Унгарија“, со што Груевски добил посилна правна сигурност отколку со претходно добиениот политички азил од владата на Виктор Орбан.
Во анализата се посочува дека, за разлика од азилот кој може да биде поништен, одземањето државјанство е значително покомплициран процес. За такво нешто би требало да се докаже дека државјанството било стекнато незаконски, преку измама или корупција, што би можело да отвори истрага и за високи функционери од тогашната унгарска власт.
Прашањето повторно стана актуелно по политичките промени во Унгарија и изјавите на новиот премиер Петер Маѓар дека државата повеќе нема да биде прибежиште за лица обвинети за криминал. По овие најави, дел од политичарите кои претходно добиле азил во земјата веќе заминале.
Груевски ја напушти Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување на двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“, кој се однесуваше на набавката на луксузен „мерцедес“ во вредност од околу 600 илјади евра.
Тој преку Албанија, Црна Гора и Србија стигна до Унгарија, каде што подоцна доби политички азил. Во тој период во јавноста се појавија тврдења дека при бегството користел унгарско дипломатско возило и дека имал поддршка од унгарски служби.
Во април оваа година, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не очекува Груевски да се врати во Македонија, но додаде дека, доколку тоа се случи, ќе мора да ја издржи затворската казна.

