Спортската јавност на Балканот е потресена од веста за смртта на познатиот спортски новинар и коментатор Един Авдиќ, кој почина на 47-годишна возраст.
Информацијата ја објавија повеќе медиуми во Босна и Херцеговина, додека причините за неговата смрт засега не се соопштени.
Авдиќ беше едно од најпрепознатливите имиња во спортското новинарство во регионот, особено кога станува збор за кошарката. Со години беше препознатлив по своите анализи, стручни коментари и длабоко познавање на НБА лигата и европските кошаркарски натпреварувања.
Роден во Сараево, тој дипломирал на Факултетот за политички науки, насока новинарство. Пред да се посвети на медиумите, бил активен и во кошарката, настапувајќи за младинските категории на КК Босна.
Во текот на својата кариера работеше во неколку познати телевизиски куќи, меѓу кои Федерална телевизија, OBN и Арена Спорт. Токму преку своите преноси и анализи стекна огромна популарност меѓу љубителите на спортот низ целиот регион.
Во последните години беше активен и во дигиталните медиуми, каде заедно со колеги создаваше содржини посветени на кошарката, а водеше и сопствени спортски емисии.
Со својата харизма, професионалност и љубов кон спортот, Един Авдиќ остави силен белег во медиумскиот простор. Неговото име ќе остане запаметено како симбол на квалитетно спортско новинарство и искрена посветеност кон кошарката.

