Се урна авион во Хрватска – има загинати

Повеќе лица загинаа при пад на мал авион во близина на Медулин во Истра, потврди хрватската полиција.

Истарската полиција соопшти дека денеска во 11:18 часот добила пријава за пад на мал авион на подрачјето Кампанож, недалеку од аеродромот во Медулин.

„Пријавата е потврдена. Сите итни служби – полицијата, Итната медицинска помош и пожарникарите – се на терен и преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности“, соопшти полицијата.

Според информациите на хрватски „Индекс“, авионот полетал од Германија, а засега нема податоци дека летот бил најавен во Хрватска. При ударот во земја, леталото се преполовило.

Од полицијата потврдија дека во несреќата загинале повеќе лица, додека неофицијално се наведува дека четири лица го загубиле животот, а по уште две лица се трага.

„Во моментов на местото на несреќата се присутни сите надлежни служби – Итната медицинска помош, пожарникарите и полицијата, кои преземаат мерки и активности од своја надлежност“, изјави портпаролот на истарската полиција, Ален Пачиќ, потврдувајќи дека во несреќата има повеќе жртви.