Тага и неверување: Почина познатиот музичар

Музичката сцена во регионот остана без уште едно препознатливо име. На 79-годишна возраст почина Ѓорѓе Васиќ – Ѓоко, рок музичар кој со децении беше дел од југословенската и српската музичка сцена.

Веста за неговата смрт предизвика голема тага кај бројните обожаватели и сограѓани од Ужице, каде што важеше за едно од најпознатите имиња на локалната рок сцена.

Васиќ зад себе остави богата музичка кариера исполнета со концерти, настапи и песни кои во доцните седумдесетти години стекнаа голема популарност низ тогашна Југославија. Публиката го памети по неговата енергија на сцената, препознатливиот вокал и искрената интерпретација.

Најголем белег остави како фронтмен на групата „Кило и по“, со која ги изведуваше хит-песните „Јелена“ и „Циганске ноћи“. Подоцна ја формираше и групата „Опера“, а меѓу песните што останаа поврзани со неговото име се и „Зора је сванула“ и „Скупи храбрости“.

Интересно е што, иако песната „Јелена“ стана негов заштитен знак и една од најслушаните композиции од неговата кариера, Васиќ во едно интервју признал дека лично не била меѓу неговите омилени. Сепак, секогаш ја изведувал со посебна емоција и посветеност кон публиката.

Според информациите на семејството, погребот ќе биде извршен во најтесен семеен круг. Неговите песни и придонесот кон рок музиката ќе останат траен дел од музичката историја на регионот.