Торнадо носеше сè пред себе – Силно невреме погоди делови од Германија

Силно невреме ја зафати Германија, а во градот Гронау во покраината Северна Рајна-Вестфалија е регистрирано торнадо кое предизвикало значителна загриженост кај локалното население.

Според Германската метеоролошка служба, торнадото било класифицирано како IF1 и создало ветрови со брзина до 150 километри на час. Покрај силните ветрови, делови од земјата беа погодени од обилни врнежи, грмотевици и град.

Метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во текот на викендот. За денеска се прогнозира комбинација од сончеви периоди, облачност и локални врнежи, додека на северот на земјата се очекуваат поинтензивни грмотевици проследени со силен дожд и ситен град.

Налетите на ветер на одредени места би можеле да достигнат брзина од околу 65 километри на час, а врнежите ќе продолжат и во текот на ноќта кон сабота.

Во сабота, најнестабилно ќе биде во западните делови на Германија, каде што се очекуваат нови врнежи и локални грмотевици. Источниот дел од земјата ќе има повеќе сончеви периоди, иако не се исклучува можноста за краткотраен дожд.

Неделата ќе донесе облачно време со врнежи во повеќе региони, а во североисточните делови се можни и нови локални грмотевици.

Германските власти ги повикуваат граѓаните внимателно да ги следат временските прогнози и предупредувањата поради ризикот од локални поплави, силни ветрови и други последици од невремето.