Цените на нафтата денеска забележаа значителен пад на меѓународните пазари, откако прекинот на огнот меѓу Иран и Израел ги охрабри инвеститорите, а од Вашингтон пристигнаа сигнали дека испораките на енергенси преку Ормускиот Теснец се интензивираат.
На лондонскиот пазар цената на нафтата Брент попладнево беше пониска за четири долари во однос на претходниот ден и изнесуваше 90,20 долари за барел. На американскиот пазар, пак, американската сурова нафта поевтини за 4,54 долари и се тргуваше по 86,76 долари за барел.
Расположението на пазарите го подобрија вестите за обновениот прекин на огнот меѓу Иран и Израел, откако американскиот претседател Доналд Трамп апелираше до двете страни веднаш да ја прекинат размената на напади.
Неколку часа подоцна, израелски претставник потврди дека Тел Авив ги запрел нападите по барање на Трамп, додека иранската војска соопшти дека ги прекинала воените операции, оставајќи можност за одговор доколку нападите врз Бејрут и јужен Либан продолжат.
Вниманието на пазарите го привлече и информацијата дека низ Ормускиот Теснец поминал уште еден танкер со течен природен гас од Катар. Според податоците на специјализираните компании Kpler и London Stock Exchange Group, бројот на вакви танкери што поминале низ теснецот од почетокот на конфликтот достигнал девет.
Американскиот министер за енергетика, Крис Рајт, изјави дека сè повеќе бродови повторно минуваат низ Ормускиот Теснец и дека извозот на нафта преку Персискиот Залив продолжува да расте.
„Би рекол дека сообраќајот е значително засилен. Извозот на нафта низ теснецот и Персискиот Залив расте и ќе продолжи да расте“, порача Рајт.
Во меѓувреме, пресметките на Организацијата на земјите извознички на нафта покажуваат дека цената на барелот од кошничката на ОПЕК на почетокот на неделата се зголемила за 1,89 долари и достигнала 102,52 долари.

