Дваесет и едногодишен возач од селото Батинци е лишен од слобода откако бил фатен како управува автомобил со брзина од 244 километри на час на автопатот Скопје – Гевгелија.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 13 јуни околу 20 часот, кај селото Милетково, полициски службеници од ОВР Гевгелија при контрола на сообраќајот со радар констатирале дека И.Р. (21) од Батинци управувал патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки со брзина од 244 километри на час.
На делницата каде што бил измерен, максимално дозволената брзина е 120 километри на час, што значи дека возачот се движел со повеќе од двојно поголема брзина од дозволената.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки возилото е одземено.
По целосното документирање на случајот, против возачот ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик.

