Силно невреме проследено со град, обилни врнежи и бурни ветрови погоди повеќе делови од Хрватска во неделата попладне, предизвикувајќи материјална штета, поплави и прекини во секојдневниот живот.
Особено погодени беа Вараждин и околните населени места, каде што околу 16 часот започна интензивна бура со град со големина на орев, силен дожд и ветрови со сила на бура.
Според локалните власти, пожарникарите до вечерните часови добиле околу 40 пријави за поплавени улици, подруми и други објекти. Покрај испумпувањето вода, интервенирале и за отстранување дрвја кои биле соборени од силниот ветер. Невремето не ја заобиколи ниту Меѓумурската жупанија, каде што беа регистрирани обилни врнежи, грмежи и силни налети на ветер.
Сериозна штета е пријавена и во Пожешко-Славонската жупанија. Во општината Јакшиќ, силниот ветер откорнал дел од покривот на основно училиште. Пожарникарите во текот на вечерта работеле на обезбедување на објектот со заштитни церади за да се спречи дополнително оштетување. За среќа, нема информации за повредени лица.
Хрватскиот државен хидрометеоролошки завод издаде повеќе предупредувања поради опасните временски услови. За регионот на Осиек е прогласена црвена временска тревога поради ризик од екстремно силни ветрови и интензивни невремиња.
Метеоролозите предупредуваат дека во делови од источна Хрватска се можни налети на ветер со брзина поголема од 90 километри на час, а локално и услови слични на урагански ветрови. Постојат сериозни ризици од искорнати дрвја, летачки предмети, оштетувања на објекти, прекини во сообраќајот и нарушување на снабдувањето со електрична енергија. За регионот на Загреб е издадено портокалово предупредување поради опасност од силни грмотевични невремиња, град и обилни врнежи во краток временски период.
Во регионот на Карловац е активирано жолто предупредување поради можност за локално поинтензивни дождови и грмотевици, особено во областите Кордун и Бановина. Метеоролозите апелираат граѓаните да ја следат временската прогноза и предупредувањата од надлежните служби, бидејќи нестабилното време може да предизвика дополнителни проблеми и во текот на наредните часови.

