ТРАГЕДИЈА ВО РЕГИОНОТ: Гром усмрти маж пред прагот на куќата

Трагичен настан го потресе регионот откако 79-годишниот Предо Г. од селото Петница кај Чачак го загубил животот по удар од гром.

Несреќата се случила на 15 јуни, во момент кога тој се обидувал да се засолни од дождот пред својот дом.

Според сведочењето на соседите, времето нагло се влошило, а над местото се надвиле темни облаци проследени со неколку силни грмежи. Иако невремето не било особено интензивно, еден од ударите на гром завршил кобно.

„Одеднаш се појавија облаци и слушнавме силен удар на гром. Немаше големо невреме, туку дожд и неколку силни грмежи. Предо беше пред куќата и се обидуваше да се засолни кога громот удри непосредно пред влезната врата. Сè се случи за помалку од една минута“, раскажал негов сосед за српските медиуми.

По пријавата на настанот, на местото пристигнале екипи на Итната медицинска помош и пожарникари, кои веднаш започнале со интервенција. И покрај напорите на лекарите да го спасат, Предо починал на пат кон болницата како последица на тешките повреди предизвикани од ударот на громот.

Неговата сопруга, која во моментот на ударот се наоѓала во куќата, исто така била погодена од последиците. Медицинските екипи успеале да ја реанимираат, по што била пренесена во болницата во Чачак каде што е хоспитализирана и под лекарски надзор.

Соседите велат дека по ударот од громот дошло до запалување на електричната инсталација во куќата. Благодарение на брзата реакција на пожарникарите, огнот бил локализиран и спречено било негово понатамошно ширење.