Почина еден од обвинтетите за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“

Почина Љупчо Грнчиштаров, поранешен главен инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување и еден од обвинетите во судскиот предмет за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.

На 54-годишниот Грнчиштаров му се слошило во домашни услови, додека се наоѓал во куќен притвор. За неговата смрт било известено Јавното обвинителство.

Од Обвинителството потврдиле дека Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција, со која треба да бидат утврдени причините за смртта.

Грнчиштаров беше еден од обвинетите во главниот судски предмет за пожарот што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Во предметот се опфатени поранешни и актуелни функционери во државни институции, службени лица и правни субјекти. Обвинетите се товарат за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“.

Грнчиштаров со години работел како главен инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување. Според објавените информации, во текот на досегашните судски рочишта не пријавил здравствени проблеми.

За пожарот во „Пулс“ паралелно се водат повеќе судски постапки, меѓу кои главниот предмет против функционери, службени лица и фирми, како и одделни постапки против обвинети полициски службеници.