Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави почеток на преговори за нов колективен договор и зголемување на платите за припадниците на Армијата.
Тој посочи дека од понеделник ќе започнат разговори со синдикатите за новиот колективен договор, а од следната година е предвидено зголемување на платите и на бодот за пресметка на примањата.
Според него, во наредните години ќе следува и процентуално зголемување на платите согласно буџетските можности.
Мисајловски истакна дека Министерството паралелно работи на сервисирање на обврските наследени од минатото, особено по основ на тужби, додавајќи дека секоја година се исплаќаат неколку илјади такви предмети.
Тој нагласи дека со актуелниот ребаланс на Буџетот приоритет е покривање на старите долгови, но и обезбедување средства за подобрување на капацитетите и нови инвестиции во Армијата.

