Убиство ја потресе Македонија: Ја земал од работа, ја задушил, па рекол дека му се јавила на сон

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 51-годишен маж, осомничен за кривично дело убиство извршено при семејно насилство, и побара определување мерка притвор.

Според Обвинителството, постои основано сомнение дека на 25 јуни во атарот на селото Летевци, при вршење семејно насилство, осомничениот со умисла ја лишил од живот својата сопруга.

Тој, како што се наведува, вечерта ја зел жената од нејзиното работно место, ја однел во тешко пристапен терен и физички ја нападнал, при што ја задушил, по што таа починала на лице место. Потоа го скрил нејзиното тело под гранки меѓу дрвја, а следниот ден пријавил во полиција дека е исчезната.

На 27 јуни, осомничениот им кажал на тројца познаници дека знае каде се наоѓа жената, тврдејќи дека му се појавила во сон и му покажала локација. По доаѓањето на терен, телото било пронајдено и случајот бил пријавен во полиција.

Јавниот обвинител оцени дека постојат околности за опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, поради што до судот е доставен предлог за притвор.