Проверувајте ги сметките – од денеска можете да добиете прилив на средства

Компаниите од приватниот сектор од денеска можат да започнат со исплата на регресот за годишен одмор (К-15), при што минималниот износ за 2026 година изнесува 19.116 денари.

Минималниот регрес е пресметан врз основа на просечната нето-плата за февруари, март и април годинава, која изнесува околу 47.790 денари.

Согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор, минималниот К-15 изнесува 40 проценти од оваа основица.

Право на исплата на регрес имаат вработените во приватниот сектор кои имаат најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај истиот работодавач во текот на календарската година. Работодавачите можат да исплатат и повисок износ доколку тоа е предвидено со колективен договор или со внатрешен акт на компанијата.

Во одредени случаи, компаниите кои работат со загуба или се соочуваат со финансиски потешкотии можат да исплатат понизок износ или да бидат ослободени од оваа обврска, но само доколку ги исполнуваат законските услови и располагаат со соодветна документација и донесени одлуки согласно прописите.

Доколку работодавачите не го исплатат законски предвидениот регрес, може да се соочат со инспекциски контроли и парични казни. Работниците, пак, имаат право да поднесат пријава до Државниот инспекторат за труд или своите права да ги остварат по судски пат.

Регресот за годишен одмор е законско право на работниците кое произлегува од колективното договарање и важечките работни прописи.