Нови детали околу снимката и насилничките од населба Аеродром што монструозно го тепаа девојчето

Се повикуваат насилниците од Аеродром, МВР разговараше со претепаното девојче

Полицијата експресно започна да го расчистува новиот грозоморен случај на врсничко насилство во скопската населба Аеродром, кој денеска ја згрози и крена на нозе македонската јавност.

Како што информираат од СВР Скопје, иако досега немало официјална пријава, полицијата веднаш почнала да дејствува по допрен глас. Во медиумите веќе е објавено дека е остварен разговор со малолетното девојче-жртва во присуство на родител, а за целиот случај веднаш е известен и Јавен обвинител.

Насилниците кои се појавуваат на видеото, а за кои се дознава дека се ученици во основно училиште во истата населба, во моментов се повикуваат во полициска станица на распит.

Вознемирувачкото видео, кое се појави на социјалните мрежи, прикажува брутално малтретирање.

На снимката се гледа малолетно девојче клекнато на колена како моли да престане тортурата, додека неколку други девојчиња безочно го навредуваат, му удираат шлаканици и го влечат за коса. Во еден момент, преплашената жртва се обидува да се оддалечи, но насилната врсничка повторно ја фаќа за коса и продолжува со нападот.

Она што најмногу ја револтираше јавноста е фактот што инцидентот се случува пред поголема група малолетници кои „навиваат“ наместо да помогнат. На видеото јасно се слуша како едно од момчињата вика: „Ќутете да слушнеме како ќе пука“, додека друго довикува:

„Уште еднаш, уште еднаш!“, додека со телефоните се снима секој удар за да се објави на социјалните мрежи.