Четиринаесетгодишно момче се здобило со тешки повреди по брутален напад што се случил на 22 јуни во скопската населба Ченто, објави 24инфо.мк
Според тврдењата на неговите родители, момчето околу 21:30 часот излегло од својот дом за да се сретне со братучедите и се движело кон улицата „Финска“. Пред да стигне до договореното место, било пресретнато од три лица кои, како што велат родителите, без никаков повод започнале физички да го напаѓаат.
Во текот на нападот, едно од лицата извадило нож и му нанело седум убодни рани во пределот на грбот. Според семејството, напаѓачите продолжиле да го удираат малолетникот сè додека не ја изгубил свеста, по што го оставиле беспомошен на местото на настанот.
Повреденото момче го пронашол случаен минувач, кој веднаш повикал Итна медицинска помош и полиција. Малолетникот бил пренесен во Ургентниот центар, каде што му била извршена итна хируршка интервенција.
Родителите тврдат дека нивниот син не им дал никаква причина за нападот и бараат надлежните институции што поскоро да го расветлат случајот и сторителите да бидат пронајдени и соодветно санкционирани.
Случајот е потврден и од Министерството за внатрешни работи. Во полицискиот билтен е наведено дека на 22.06.2026 година, околу 23:05 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Општина Гази Баба малолетник бил физички нападнат од три лица, при што едно од нив му нанело повреда со остар предмет.
Од МВР информираат дека се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот. Истрагата е во тек, а полицијата работи на идентификување и пронаоѓање на напаѓачите.
Видео: 24 ИНФО

